|
▪ ▪ Иницијатива за законски измени
Проектот Иницијатива за законодавни реформи започна да се
спроведува уште во 2004 година. Целта на проектот беше да се
придонесе кон подобрување на изборното законодавство. Во
текот на 2004 година организирани беа 4 тркалезни маси, на
кои учество земаа експерти, претставници на политички партии
и претставници на граѓански организации. Една од многуте
препораки кои произлегоа од овие тркалезни маси беше
препораката за кодифицирање на изборното законодавство.
Проектот продолжи во 2005 година (која требаше да биде
неизборна година, но поради одржувањето на референдумот во
2004 и одложувањето на Локалните избори, истите се спроведоа
пролетта 2005) кога целта беше да се работи и подготви
Изборен законик.
МОСТ и Министерството за правда потпишаа Меморандум за
соработка, и, веднаш по Локалните избори, формирана беше
работна група која пристапи кон изготвување на работна
верзија на Изборниот Законик.
Работната верзија на Изборниот законик беше презентирана на
конференција за медиумите на ден 17.11.2005 по што се отвори
широка јавна расправа.
Со цел обезбедување на транспарентност на целиот процес на
изготвување на Изборниот законик, МОСТ организираше две
јавни расправи.
Проектот беше поддржан од страна на Шведскиот хелсиншки
комитет и Норвешка народна помош.
Втора јавна расправа, 15.02.2006, Скопје
Целта поради која МОСТ ја организираше втората јавна
расправа беше обезбедувањето на континуитет во давањето на
транспарентност на целиот процес од донесувањето на
Изборниот законик. Изборниот законик е во парламентарна
процедура, во фазата пред второто читање. Како прашање кое
ќе придонесе кон создавање на атмосфера за фер и демократски
Парламентарни избори 2006, се отвори широка политичка дебата
помеѓу политичките партии. На втората јавна расправа,
политичките партии и експерти дискутираа по прашања кои сé
уште се отворени: Избор и состав на изборните органи,
дефиниција и финансирање на изборна кампања и санкции кои
треба да се предвидат за прекршителите на изборната
регулатива. Препораките и мислењата на учесниците ќе
бидат земени во предвид при изготвувањето на финалната
верзија на Изборниот законик, кој треба да биде донесен од
страна на Собранието на Р Македонија. И оваа јавна расправа
беше следена од претставници на меѓународната заедница.
|