ПРЕЛИМИНАРНА ИЗЈАВА 13.12.2016

Граѓанската асоцијација МОСТ ги започна активностите за следење на изборниот процес од денот на распишувањето на парламентарните избори. МОСТ распореди 80 долгорочни набљудувачи во сите општини низ државата кои ги следеа сите аспекти од изборниот процес. Изборниот ден МОСТ го следеше со 2.664 набљудувачи, притоа покривајќи околу 55% од вкупниот број на избирачки места. Набљудувано беше и гласањето во странство каде МОСТ имаше распоредено 20 набљудувачи кои го следеа гласањето во 18 од 41 дипломатско-конзуларни претставништва. За набљудување на процесот на гласање на болните и немоќни лица и лицата во домашен притвор беа ангажирани 114 набљудувачи, а за гласањето на избирачите во казнено-поправните установи - 17. Исто така, предмет на набљудување беше и работата на Државната изборна комисија и општинските изборни комисии. 

Набљудувачите на МОСТ беа статични и го следеа процесот на гласање во текот на целиот изборен ден. Покрај статичните набљудувачи на гласачките места, Граѓанската асоцијација МОСТ распореди и 120 мобилни тимови, составени од двајца набљудувачи, кои служеа како логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ги набљудуваа оние места на кои МОСТ немаше распоредено статични набљудувачи.

Според извештаите и информациите добиени од набљудувачите и од 80-те регионални координатори, прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ е дека изборниот ден помина со висока излезност на граѓаните,нерегуларности во постапката на гласање и сериозни индиции за поткуп и притисоци врз гласачите на одредени гласачки места. 

Во текот на денот МОСТ јавуваше за присуство на неовластени лица пред гласачките места кои вршеа агитација, како и за зголемен број на случаи на фотографирање на гласачките ливчиња позади параваните, што укажува на индиции за поткуп и притисоци кои се случувале надвор од гласачките места. Во прилог на ова е и бројот на интервенции на полицијата коишто се регистрирани во официјалниот билтен на Министерството за внатрешни работи. 

Што се однесува до постапката на гласање во гласачките места, набљудувачите најчесто известуваа за групно/семејно гласање и непочитување на тајноста на гласањето, злоупотреба на постапката за гласање на избирачи кои не можат да гласаат сами, пропусти во објаснувањето на начинот на гласањето на избирачите, како и за избирачи кои не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список.

Вечерта по завршувањето на гласањето кај дел од општинските изборни комисии забележан е неред и хаотична работа, како и поправање на технички грешки во записниците доставени од избирачките одбори. Дополнително, во неколку наврати е забележано доставување на гласачки кутии кои не биле запечатени со сигурносни ленти, со што е направена повреда на постапката за пакување и заштита на доверливиот изборен материјал.

Во однос на предвременото гласање спроведено пред денот на изборите, оваа година продолжи трендот на намалување на бројот на ваквите лица, кој според официјалните податоци од Државната изборна комисија изнесуваше 5.746 лица. Ова повторно се должи на залагањата на ДИК која издаде ново упатство за гласањето на овие лица со кое ги заостри критериумите за пријавување за овој вид гласање. Сепак, во дел од општините имаше значително повисок број на пријавени лица, споредено со другите општини. Што се однесува до самиот процес на гласање на овие лица, набљудувачите забележаа нарушена тајност на гласањето во повеќето случаи, како и 3 случаи во кои избирачките одбори не ја носеле со себе гласачката кутија.

За гласањето на лицата во затвор, освен тоа што во КПУ Идризово 419 лица не можеле да 

се пронајдат во Избирачкиот список, не се забележани посериозни нерегуларности. Истото ова се однесува и на гласањето во странство, спроведено еден ден пред изборите, каде што е симптоматичен податокот дека одреден број на гласачи, иако тврделе дека се пријавени за гласање, не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список.

Изборната кампања беше многу динамична, со зголемен број на непосредни средби со граѓаните и т.н. кампања од врата до врата. Овој пат беше зголемен интензитетот на водење на негативна кампања и користење на поостра реторика. Злоупотребата на меѓуетничките прашања повторно беше дел од кампањата, со обвинувања за промени во однос на државното уредување и употребата на јазиците.

Во текот на кампањата не изостанаа притисоците врз вработените во јавниот сектор да посетуваат партиски митинзи или да гласаат за владејачката партија. Продолжи трендот на присуство на функционери на партиски настани во текот на работното време, како и злоупотребата на јавни ресурси. Дел од овие нерегуларности беа потврдени и од страна на меѓународните набљудувачи. Беа забележани и случаи на противзаконско располагање со буџетски средства, односно промоции на започнување со изградба или пуштање во употреба на објекти финансирани со јавни средства. 

Во пролетта оваа година беше спроведена опсежна проверка на Избирачкиот список која се состоеше од вкрстени, административни и теренски проверки. Овој процес беше спроведен со повеќе предизвици, почнувајќи од критериумите за вкрстените проверки и завршувајќи со квалитетот на теренските проверки. Како резултат на целиот овој процес околу 29.000 избирачи не беа запишани во Избирачкиот список за овие избори, а околу 170.000 избирачи за кои ДИК претпоставува дека престојуваат во странство беа префрлени на посебниот извод од Избирачкиот список за граѓани кои престојуваат во странство. Ваквиот начин на активна регистрација на избирачите со неконзистентни записи се спроведе за првпат. Сепак, и покрај обидите за прочистување на Избирачкиот список, во него се уште постојат неконзистентни записи коишто се резултат на долгогодишните системски проблеми во неговото водење и ажурирање.

На неколку дена пред изборниот ден на веб-страницата за проверка во Избирачкиот список се појавија технички проблеми, односно поголем број граѓани реагираа дека не можат да се пронајдат во Избирачкиот список. По отстранувањето на проблемите, веб-страницата повторно беше функционална, но можеше да се пребарува само според ЕМБГ, а не и според името и презимето и адресата на гласачите. Оваа постапка створи конфузија кај гласачите кои во тој момент не можеа да се пронајдат на веб-страницата и во секој случај не придонесе кон зајакнување на довербата во Избирачкиот список пред самиот изборен ден.

ДИК на овие избори ја подобри транспарентноста со тоа што само 5 од вкупно 46 седници беа одржани без присуство на јавноста. Сепак, клучните одлуки се носеа на работни состаноци зад затворени врати. И покрај дополнувањето на ДИК со независни членови кои се избираат со консензус помеѓу политичките партии од власта и опозицијата, не изостанаа политичките препирки помеѓу членовите кои се номинирани од поединечни политички партии. ДИК повторно се соочи со предизвик да ги испочитува сите рокови за спроведување на изборниот процес, што претставува индикатор за тоа дека во најбрз можен рок мора да се преземат мерки во насока на јакнење на нејзините капацитети.

Во април 2016 г. на 2 затворени седници беа избрани нови членови на општинските изборни комисии (ОИК) со оглед на тоа дека на претходните им истече мандатот. Една од надлежностите на ОИК е формирањето на избирачките одбори (ИО). МОСТ го набљудуваше овој процес, при што кај 13 од 25 набљудувани ОИК констатира нецелосно спроведување на принципот на случаен избор, односно при изборот на членовите на ИО се земаа предвид и други критериуми, како на пример: личното познанство со членовите на ОИК, роднинските врски помеѓу членовите на ИО, професијата итн., иако овие критериуми не се наведени во Изборниот законик. Исто така беше забележано дека дел од ОИК не беа доволно обучени за начинот на избор на членовите на избирачките одбори, како и за ракување со софтверот.

Општинските изборни комисии, како и секогаш, се соочуваа со проблеми во однос на просторните услови, финансиите и опремата. За разлика од ДИК, ОИК мора да ја подобрат својата транспарентност, бидејќи не ги известуваа секогаш набљудувачите за одржувањето на седниците. 

Што се однесува до обуката на изборната администрација, постоеше неконзистентност во однос на инструкциите за новото упатство на ДИК за важечко ливче, според кое само заокружувањето е валиден начин на обележување на гласачкото ливче. Оваа новина не беше дел ниту од видео-прирачникот на ДИК за едукација на изборната администрација кој беше подготвен за првпат. Ова придонесе дел од избирачките одбори да не бидат конзистентни во прогласувањето на важечките и неважечките ливчиња. 

Во моментов тече рокот за поднесување на приговори за гласањето и доколку бидат поднесени вакви приговори, апелираме до ДИК истите сериозно да ги разгледа и да одлучува конзистентно и во согласност со Изборниот законик и меѓународните добри практики, имајќи предвид дека со оглед на многу малата разлика во освоените гласови на учесниците во изборите, нејзините одлуки можат да влијаат на конечните резултати и распределбата на мандатите во одредени изборни единици.

МОСТ изразува голема благодарност до сите граѓани кои несебично ги помогнаа напорите на домашно, непартиско набљудување на изборите и кои беа дел од големото семејство на МОСТ, како и до сите поддржувачи кои ја помогнаа мисијата на Граѓанската асоцијација МОСТ.

 

Проектот „Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2016“ е поддржан од: Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, УСАИД преку Националниот демократски институт, Швајцарската агенција за развој и соработка, Амбасадата на Кралството Холандија и Националниот фонд за демократија.

Ставовите во ова соопштение се одговорност на МОСТ и не ги одразуваат секогаш ставовите на поддржувачите на проектот.

Read 7974 times Last modified on Среда, 14 Декември 2016 11:14
Template Settings

Color

For each color, the params below will be given default values
Blue Dark_Blue Cyan Purple Green Tomato Yellow

Body

Background Color
Text Color

Spotlight10

Background Color

Footer

Note: Layout Contact-Us is applied only for menu Contact Us and menu About Us.
Select menu
Google Font
Body Font-size
Body Font-family
Direction