Парламентарни избори 2016
Парламентарни избори 2016 (14)

Име на проектот: Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2016

Цел на проектот: Придонес кон транспарентен изборен процес, преку непартиско набљудување на сите сегменти од изборите.

Специфични цели на проектот:

• Да обезбеди учество на граѓаните во процесот на непартиско набљудување на изборите;

• Да ja подигне свеста кај граѓаните за проверка на податоците во Избирачкиот список и заштитата на избирачкото право.

• Да осигура почитување на: Изборниот законик и поврзаните закони и процедури, човековите права и постапката на спроведување на гласањето на избирачките места.

Проектни активности:

• Собирање и обработка на податоците од проверката на граѓаните во Избирачкиот список во подрачните единици на Државната изборна комисија (во периодот додека Избирачкиот список е на јавен увид);

• Спроведување на кампања за проверка на податоците во Избирачкиот список, заштитата на правото на глас и слободата на определување;

• Набљудување на предизборниот период (активностите на политичките партии, државните и јавните институции на централно и локално ниво, единиците на локалната самоуправа и др.);

• Набљудување на работата на изборната администрација (Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, избирачките одбори);

• Набљудување на изборната кампања;

• Регрутирање и обука на волонтери за домашно набљудување на изборите;

• Набљудување на предвременото гласање на болните и немоќни лица, внатрешно раселените лица, лицата во затвор или (куќен) притвор и лицата кои гласат во странство;

• Набљудување на денот на гласање (набљудувачи на избирачките места, мобилни тимови, ПВТ набљудувачи и набљудувачи во ОИК и ДИК);

• Набљудување на постизборниот период;

• Анализирање на извештаите и информирање на јавноста.

 

Граѓанската асоцијација МОСТ, преку својот регионален координатор ја следеше ситуацијата во општина Теарце од донесувањето на одлуката за повторување на гласањето на гласачкото место 2011 до прегласувањето, а го набљудуваше и самото прегласување.

Во периодот од поништувањето на резултатите до прегласувањето ситуацијата беше мирна, без инциденти, освен што беше регистриран обид за поткуп, односно беше поднесена кривична пријава против две лица кои на гласачите им нуделе поткуп за да не го остварат своето избирачко право. МВР презеде мерки за расчистување на случајот.

За прегласувањето беа распоредени 2 набљудувачи кои го следеа гласањето на самото гласачко место, како и 2 мобилни тимови кои ја набљудуваа ситуацијата околу гласачкото место.

Прегласувањето помина во мирна атмосфера, со различна динамика во одѕивот на гласачите, кој опадна во последните часови пред завршувањето на гласањето. Во текот на денот беше забележано зголемено присуство на полицијата околу гласачкото место. Околу 9 часот беше забележано дека УВ ламбите не работат, па гласањето беше прекинато во период од 15 минути за да се набават нови, по што истото продолжи. Во понатамошната постапка на гласање и сумирање на резултатите на самото избирачко место не беа забележани нерегуларности.

Како и на изборниот ден во повеќе општински изборни комисии, така и сега ОИК Теарце се соочи со проблем при составување на записникот бр. 21 за сумирање и утврдување на резултатите од гласањето во однос на лицата кои гласале во казнено-поправните установи. Поради тоа имаше доцнење во објавувањето на резултатите од гласањето. Сам по себе, овој случај ја потврдува потребата од јакнење на капацитетите на изборната администрација во поглед на спроведувањето на комплетниот изборен процес.

Наодите од изборниот ден и прегласувањето ќе и бидат претставени на јавноста во Финалниот извештај за набљудувањето на изборите на Граѓанската асоцијација МОСТ.

МОСТ изразува голема благодарност до сите граѓани кои несебично ги помогнаа напорите на домашно, непартиско набљудување на изборите и кои беа дел од големото семејство на МОСТ, како и до сите поддржувачи кои ја помогнаа мисијата на Граѓанската асоцијација МОСТ.

 

Проектот „Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2016“ е поддржан од: Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, УСАИД преку Националниот демократски институт, Швајцарската агенција за развој и соработка, Амбасадата на Кралството Холандија и Националниот фонд за демократија.

Ставовите во ова соопштение се одговорност на МОСТ и не ги одразуваат секогаш ставовите на поддржувачите на проектот.

Граѓанската асоцијација МОСТ ги започна активностите за следење на изборниот процес од денот на распишувањето на парламентарните избори. МОСТ распореди 80 долгорочни набљудувачи во сите општини низ државата кои ги следеа сите аспекти од изборниот процес. Изборниот ден МОСТ го следеше со 2.664 набљудувачи, притоа покривајќи околу 55% од вкупниот број на избирачки места. Набљудувано беше и гласањето во странство каде МОСТ имаше распоредено 20 набљудувачи кои го следеа гласањето во 18 од 41 дипломатско-конзуларни претставништва. За набљудување на процесот на гласање на болните и немоќни лица и лицата во домашен притвор беа ангажирани 114 набљудувачи, а за гласањето на избирачите во казнено-поправните установи - 17. Исто така, предмет на набљудување беше и работата на Државната изборна комисија и општинските изборни комисии. 

Набљудувачите на МОСТ беа статични и го следеа процесот на гласање во текот на целиот изборен ден. Покрај статичните набљудувачи на гласачките места, Граѓанската асоцијација МОСТ распореди и 120 мобилни тимови, составени од двајца набљудувачи, кои служеа како логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ги набљудуваа оние места на кои МОСТ немаше распоредено статични набљудувачи.

Според извештаите и информациите добиени од набљудувачите и од 80-те регионални координатори, прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ е дека изборниот ден помина со висока излезност на граѓаните,нерегуларности во постапката на гласање и сериозни индиции за поткуп и притисоци врз гласачите на одредени гласачки места. 

Во текот на денот МОСТ јавуваше за присуство на неовластени лица пред гласачките места кои вршеа агитација, како и за зголемен број на случаи на фотографирање на гласачките ливчиња позади параваните, што укажува на индиции за поткуп и притисоци кои се случувале надвор од гласачките места. Во прилог на ова е и бројот на интервенции на полицијата коишто се регистрирани во официјалниот билтен на Министерството за внатрешни работи. 

Што се однесува до постапката на гласање во гласачките места, набљудувачите најчесто известуваа за групно/семејно гласање и непочитување на тајноста на гласањето, злоупотреба на постапката за гласање на избирачи кои не можат да гласаат сами, пропусти во објаснувањето на начинот на гласањето на избирачите, како и за избирачи кои не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список.

Вечерта по завршувањето на гласањето кај дел од општинските изборни комисии забележан е неред и хаотична работа, како и поправање на технички грешки во записниците доставени од избирачките одбори. Дополнително, во неколку наврати е забележано доставување на гласачки кутии кои не биле запечатени со сигурносни ленти, со што е направена повреда на постапката за пакување и заштита на доверливиот изборен материјал.

Во однос на предвременото гласање спроведено пред денот на изборите, оваа година продолжи трендот на намалување на бројот на ваквите лица, кој според официјалните податоци од Државната изборна комисија изнесуваше 5.746 лица. Ова повторно се должи на залагањата на ДИК која издаде ново упатство за гласањето на овие лица со кое ги заостри критериумите за пријавување за овој вид гласање. Сепак, во дел од општините имаше значително повисок број на пријавени лица, споредено со другите општини. Што се однесува до самиот процес на гласање на овие лица, набљудувачите забележаа нарушена тајност на гласањето во повеќето случаи, како и 3 случаи во кои избирачките одбори не ја носеле со себе гласачката кутија.

За гласањето на лицата во затвор, освен тоа што во КПУ Идризово 419 лица не можеле да 

се пронајдат во Избирачкиот список, не се забележани посериозни нерегуларности. Истото ова се однесува и на гласањето во странство, спроведено еден ден пред изборите, каде што е симптоматичен податокот дека одреден број на гласачи, иако тврделе дека се пријавени за гласање, не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список.

Изборната кампања беше многу динамична, со зголемен број на непосредни средби со граѓаните и т.н. кампања од врата до врата. Овој пат беше зголемен интензитетот на водење на негативна кампања и користење на поостра реторика. Злоупотребата на меѓуетничките прашања повторно беше дел од кампањата, со обвинувања за промени во однос на државното уредување и употребата на јазиците.

Во текот на кампањата не изостанаа притисоците врз вработените во јавниот сектор да посетуваат партиски митинзи или да гласаат за владејачката партија. Продолжи трендот на присуство на функционери на партиски настани во текот на работното време, како и злоупотребата на јавни ресурси. Дел од овие нерегуларности беа потврдени и од страна на меѓународните набљудувачи. Беа забележани и случаи на противзаконско располагање со буџетски средства, односно промоции на започнување со изградба или пуштање во употреба на објекти финансирани со јавни средства. 

Во пролетта оваа година беше спроведена опсежна проверка на Избирачкиот список која се состоеше од вкрстени, административни и теренски проверки. Овој процес беше спроведен со повеќе предизвици, почнувајќи од критериумите за вкрстените проверки и завршувајќи со квалитетот на теренските проверки. Како резултат на целиот овој процес околу 29.000 избирачи не беа запишани во Избирачкиот список за овие избори, а околу 170.000 избирачи за кои ДИК претпоставува дека престојуваат во странство беа префрлени на посебниот извод од Избирачкиот список за граѓани кои престојуваат во странство. Ваквиот начин на активна регистрација на избирачите со неконзистентни записи се спроведе за првпат. Сепак, и покрај обидите за прочистување на Избирачкиот список, во него се уште постојат неконзистентни записи коишто се резултат на долгогодишните системски проблеми во неговото водење и ажурирање.

На неколку дена пред изборниот ден на веб-страницата за проверка во Избирачкиот список се појавија технички проблеми, односно поголем број граѓани реагираа дека не можат да се пронајдат во Избирачкиот список. По отстранувањето на проблемите, веб-страницата повторно беше функционална, но можеше да се пребарува само според ЕМБГ, а не и според името и презимето и адресата на гласачите. Оваа постапка створи конфузија кај гласачите кои во тој момент не можеа да се пронајдат на веб-страницата и во секој случај не придонесе кон зајакнување на довербата во Избирачкиот список пред самиот изборен ден.

ДИК на овие избори ја подобри транспарентноста со тоа што само 5 од вкупно 46 седници беа одржани без присуство на јавноста. Сепак, клучните одлуки се носеа на работни состаноци зад затворени врати. И покрај дополнувањето на ДИК со независни членови кои се избираат со консензус помеѓу политичките партии од власта и опозицијата, не изостанаа политичките препирки помеѓу членовите кои се номинирани од поединечни политички партии. ДИК повторно се соочи со предизвик да ги испочитува сите рокови за спроведување на изборниот процес, што претставува индикатор за тоа дека во најбрз можен рок мора да се преземат мерки во насока на јакнење на нејзините капацитети.

Во април 2016 г. на 2 затворени седници беа избрани нови членови на општинските изборни комисии (ОИК) со оглед на тоа дека на претходните им истече мандатот. Една од надлежностите на ОИК е формирањето на избирачките одбори (ИО). МОСТ го набљудуваше овој процес, при што кај 13 од 25 набљудувани ОИК констатира нецелосно спроведување на принципот на случаен избор, односно при изборот на членовите на ИО се земаа предвид и други критериуми, како на пример: личното познанство со членовите на ОИК, роднинските врски помеѓу членовите на ИО, професијата итн., иако овие критериуми не се наведени во Изборниот законик. Исто така беше забележано дека дел од ОИК не беа доволно обучени за начинот на избор на членовите на избирачките одбори, како и за ракување со софтверот.

Општинските изборни комисии, како и секогаш, се соочуваа со проблеми во однос на просторните услови, финансиите и опремата. За разлика од ДИК, ОИК мора да ја подобрат својата транспарентност, бидејќи не ги известуваа секогаш набљудувачите за одржувањето на седниците. 

Што се однесува до обуката на изборната администрација, постоеше неконзистентност во однос на инструкциите за новото упатство на ДИК за важечко ливче, според кое само заокружувањето е валиден начин на обележување на гласачкото ливче. Оваа новина не беше дел ниту од видео-прирачникот на ДИК за едукација на изборната администрација кој беше подготвен за првпат. Ова придонесе дел од избирачките одбори да не бидат конзистентни во прогласувањето на важечките и неважечките ливчиња. 

Во моментов тече рокот за поднесување на приговори за гласањето и доколку бидат поднесени вакви приговори, апелираме до ДИК истите сериозно да ги разгледа и да одлучува конзистентно и во согласност со Изборниот законик и меѓународните добри практики, имајќи предвид дека со оглед на многу малата разлика во освоените гласови на учесниците во изборите, нејзините одлуки можат да влијаат на конечните резултати и распределбата на мандатите во одредени изборни единици.

МОСТ изразува голема благодарност до сите граѓани кои несебично ги помогнаа напорите на домашно, непартиско набљудување на изборите и кои беа дел од големото семејство на МОСТ, како и до сите поддржувачи кои ја помогнаа мисијата на Граѓанската асоцијација МОСТ.

 

Проектот „Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2016“ е поддржан од: Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, УСАИД преку Националниот демократски институт, Швајцарската агенција за развој и соработка, Амбасадата на Кралството Холандија и Националниот фонд за демократија.

Ставовите во ова соопштение се одговорност на МОСТ и не ги одразуваат секогаш ставовите на поддржувачите на проектот.

Граѓанската асоцијација МОСТ го следеше денешното гласање со повеќе од 3.000 набљудувачи. На гласачките места беа распоредени 2.664 набљудувачи кои покрија околу 55% од гласачките места во Република Македонија.

МОСТ ги обработи податоците од сите избирачки места на кои беа распоредени ПВТ набљудувачи.  

МОСТ ја повикува изборната администрација да ги истражи сите забележани нерегуларности и да постапи по сите примени приговори, како би се почитувала изразената волја на гласачите.

МОСТ ја повикува јавноста на трпение се додека ДИК не ги објави првичните резултати од изборите. МОСТ внимателно ќе ја следи работата на ДИК во наредниот период и ќе ја известува јавноста за сите активности.

Што се однесува до резултатите од изборите, поради маргината на грешка која ПВТ примерокот ја продуцира, МОСТ не е во можност да ја проектира распределбата на мандати по изборни единици.

Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно пребројување на гласовите), која претставува математичко-статистичка научна метода, одѕивот на гласачите по изборни единици е следниот:

 

ИЕ 1 – 73,85%

ИЕ 2 – 66,00%

ИЕ 3 – 73,00%

ИЕ 4 – 75,33%

ИЕ 5 – 63,62%

ИЕ 6 – 51,38%

Според обработените податоци од ПВТ примерокот, резултатите по изборни единици се следни:

Изборна единица 1 – максимална маргина на грешка 1.6%

Коалиција ВМРО-ДПМНЕ  - 34.5%

ДПА - 2.1%

ДУИ - 6.1%

Коалиција СДСМ - 44.1%

Коалиција за промени и правда - 1.8%

Алијанса за Албанците - 1.7%

Либерална партија - 0.6%

Коалиција ВМРО за Македонија - 1.8%

Беса - 5.2%

Левица - 2.2%

 

Изборна единица 2 – максимална маргина на грешка 1.8%

Коалиција ВМРО-ДПМНЕ  - 36.2%

ДПА - 3.2%

ДУИ - 9.6%

Коалиција СДСМ - 34. 7%

Коалиција за промени и правда - 1.1%

Алијанса за Албанците - 3.3%

Либерална партија - 0.4%

Коалиција ВМРО за Македонија - 1.8%

Беса - 8.4%

Левица - 1.2%

 

Изборна единица 3  - максимална маргина на грешка 0.8%

Коалиција ВМРО-ДПМНЕ  - 53.4%

ДПА - 0.5%

ДУИ - 0.7%

Коалиција СДСМ - 40%

Коалиција за промени и правда - 0.7%

Либерална партија - 0.4%

Коалиција ВМРО за Македонија - 3.5%

Левица - 0.9%

 

 

Изборна единица 4 - максимална маргина на грешка 0.7%

Коалиција ВМРО-ДПМНЕ  - 49.4%

ДУИ - 0.3%

Коалиција СДСМ - 46.3%

Коалиција за промени и правда - 0.9%

Либерална партија - 0.3%

Коалиција ВМРО за Македонија - 2.3%

Левица - 0.6%

 

Изборна единица 5 - максимална маргина на грешка 1.3%

Коалиција ВМРО-ДПМНЕ  - 40.7%

ДПА - 1.6%

ДУИ - 6.9%

Коалиција СДСМ - 39.2%

Коалиција за промени и правда - 0.7%

Алијанса за Албанците - 4.1%

Либерална партија - 0.3%

Коалиција ВМРО за Македонија - 2.9%

Беса - 2.5%

Левица - 1.1%

 

Изборна единица 6 - максимална маргина на грешка 1.5%

Коалиција ВМРО-ДПМНЕ  - 17.5%

ДПА - 10.3%

ДУИ - 26.5%

Коалиција СДСМ - 16.6%

Коалиција за промени и правда - 0.2%

ПДП - 0.8%

Алијанса за Албанците - 11.6%

Коалиција ВМРО за Македонија - 0.5%

Беса - 16%

Врз основа на овие резултати МОСТ заклучува дека двете водечки партии по бројот на освоени гласови се преблиску една до друга и оваа разлика во бројот на освоени гласови, во зависност од маргината на грешка, влијае на тоа кој ќе освои најмногу мандати.

Проектот „Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2016“ е поддржан од: Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, УСАИД преку Националниот демократски институт, Швајцарската агенција за развој и соработка, Амбасадата на Кралството Холандија и Националниот фонд за демократија.

Ставовите во ова соопштение се одговорност на МОСТ и не ги одразуваат секогаш ставовите на поддржувачите на проектот.

 

Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, досега се забележани следните неправилности на гласачките места:

Непочитување на постапката на гласање и проблеми предизвикани од подносители на кандидатски листи и гласачи

 ГМ 1989, општина Тетово, член на избирачкиот одбор од политичка партија откинал 5 гласачки ливчиња и му ги дал на друг член од политичка партија, кој отишол позади параванот и гласал. Гласачките ливчиња стуткани биле ставени во гласачката кутија.

 ГМ 2557, општина Ѓорче Петров, гласал гласач кој не бил запишан во Избирачкиот список за тоа гласачко место. Избирачкиот одбор ќе направи записник и ќе го извести избирачкиот одбор од избирачкото место во кое е запишан гласачот дека истиот гласал на погрешно гласачко место.

 ГМ 2809, општина Центар, на гласач кој имал траги од мастило му било дозволено да гласа. Член на избирачкиот одбор бил отстранет бидејќи не бил запознат со постапката на гласање и ги обележувал гласачите со спреј на двете раце.

 ГМ 2773, општина Аеродром, забележани 4 случаи во кои не е проверено дали гласачите имаат трага од невидливо мастило, 2 случаи на нарушување на тајноста на гласањето, 4 случаи на семејно гласање, при што биле 10 злоупотребени гласа.

 ГМ 2733/1, општина Аеродром, на местото во Избирачкиот список на гласач кој дошол да  гласа веќе било потпишано друго лице. По 10-минутна дискусија на избирачкиот одбор, на гласачот му било дозволено да гласа, при што се потпишал на друго место во Избирачкиот список. Во меѓувреме дошол друг гласач кој не бил запишан во Избирачкиот список и му било дозволено да гласа во име на негов роднина, по што гласањето било прекинато 10 минути бидејќи дел од членовите на избирачкиот одбор се побуниле поради тоа. Во текот на дискусијата редот пред гласачкото место го воспоставувал партиски набљудувач.

 ГМ 2731 и ГМ 2719, општина Аеродром, на 3 гласачи со траги од невидливо мастило им било дозволено да гласаат. 

 ГМ 2737, општина Аеродром, гласач увидел дека некој веќе се потпишал на неговото место во Избирачкиот список. Избирачкиот одбор му дозволил да гласа, а гласачот се потпишал на друго место во списокот. На истото гласачко место има 5 случаи на семејно гласање при што биле злоупотребени 12 гласа. 

 ГМ 2674, општина Аеродром, на член на избирачки одбор од друго гласачко место му било дозволено да гласа иако имал траги од невидливо мастило, со образложение дека претходниот ден спроведувал предвремено гласање.

 ГМ 1105, општина Липково, УВ ламбата не била користена во текот на 1 час.

 ГМ 2650, општина Карпош, членот на избирачки одбор од политичка партија го изнесол изводот од избирачкиот список надвор од гласачкото место. Друг член пријавил во полиција по што лицето било отстрането од гласачкото место, а за случајот била известена и ДИК.

 ГМ 1905/1, општина Струга, партиски набљудувачи ја вршат работата на членовите на избирачкиот одбор. 

 ГМ 0677, општина Кавадарци, гласањето било прекинато 30 минути бидејќи еден гласач го скинал ливчето од член на семејството, сакал да ја искрши и кутијата, но бил спречен од избирачкиот одбор. Гласачот го напуштил гласачкото место со скинатото ливче. Била повикана полиција која направила записник и гласањето продолжило.

 ГМ 0637, општина Демир Хисар, член на избирачкиот одбор од политичка партија ги евидентирал гласачите во посебен список.

 ГМ 1540, општина Пробиштип, партиски набљудувач водел евиденција кој гласа. Ако не го знаел името и презимето на гласачите се консултирал со членовите на избирачкиот одбор од неговата партија.

 

Поткуп и агитација

 

 Вршење поткуп на гласачи од ромска националност пред училиштето Санде Штерјоски во Кичево. Откако биле забележани од координаторот и мобилниот тим на МОСТ се префрлиле на друга локација.

 Едно лице агитирало пред ОУ „Александар Урдаревски“ во општина Чучер-Сандево во кое се сместени 2 гласачки места.

 ГМ 2269, општина Штип, членови на политичка партија агитирале пред гласачкото место.

 Пред ГМ 2470 во ОУ „Кирил и Методиј“, општина Чучер-Сандево, се вршела агитација.

 ГМ 0278, општина Пласница, син на носител на јавна функција и набљудувач од политичка партија биле на раб на физичка пресметка, била повикана полиција која го отстранила првото лице, но истото останало пред гласачкото место и продолжило да агитира.

 

Фотографирање на гласачко ливче

 

 ГМ 2833, во ОУ „11 Октомври“, општина Центар, гласач го сликал ливчето, што било забележано од страна на избирачкиот одбор и не било дозволено да се стави ливчето во кутија и била повикана полиција, поднесена е прекршочна пријава за гласачот. По одлука на избирачкиот одбор ливчето било ставено во кутијата.   

 ГМ 2715, во ОУ „Александар Македонски“ општина Аеродром, гласач фотографирал гласачко ливче. Избирачкиот одбор го прифаил ливчето како важечко, но фотографијата била избришана и гласањето продолжило без прекин. Не била повикана полиција. 

 ГМ 2559, во ОУ „Димитар Поп-Георгиев Беровски“ општина Ѓорче Петров, гласач го фотографирал ливчето и го ставил во кутијата. Избирачкиот одбор доцна реагирал, била повикана полиција и бил направен записник.  

 ГМ 1719, детска градинка, општина Струмица, гласач го фотографирал ливчето што било забележано од страна на избирачкиот одбор и бил направен записник. Земени биле податоци од гласачот, а ливчето било ставено во гласачката кутија. 

 ГМ 1928, ОУ „Наим Фрашери“, општина Тетово, гласач се обидел да го фотографира гласачкото ливче при што бил забележан од страна на избирачкиот одбор, била повикана полиција и лицето било приведено. 

 ГМ 2806/1, Центар за рехабилитација и образование „Св. Наум“, општина Центар, гласач го фотографирал ливчето и насилно го ставил во кутијата. Влегол во расправија со избирачкиот одбор, им се заканил и заминал. Избирачкиот одбор не повикал полиција.

 ГМ 0024, општина Пехчево, гласач го фотографирал ливчето и го ставил во кутијата. Ова било внесено во дневникот и била известена општинската изборна комисија. Фотографијата била избришана, но не била повикана полиција.

 ГМ 1824, општина Босилово, гласач го фотографирал ливчето и го ставил во кутијата, по што реагирале партиските набљудувачи. Бил повикан член на ОИК и бил направен записник.

Во текот на денот на бесплатната телфонска линија 080 080 080 и на neregulranosti.most.org.mk беа примени 60 пријави за граѓани кои не се запишани во Избирачкиот список.

Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно пребројување на гласовите), која претставува математичко-статистичка научна метода, одѕивот на гласачите по изборни единици е следниот:

ИЕ 1 - до 14 часот – 48,32%, до 15 часот – 55,45%, до 16 часот – 61,50%, до 17 часот – 66,90%, до 18 часот – 71,44%

ИЕ 2 - до 14 часот – 41,80%, до 15 часот – 48,62%, до 16 часот – 54,48%, до 17 часот – 59,92%, до 18 часот – 64,09%

ИЕ 3 - до 14 часот – 47,18%, до 15 часот – 53,82%, до 16 часот – 59,90%, до 17 часот – 65,38%, до 18 часот – 70,31%

ИЕ 4 - до 14 часот – 48,01%, до 15 часот – 55,48%, до 16 часот – 62,12%, до 17 часот – 68,28%, до 18 часот – 72,95%

ИЕ 5 - до 14 часот – 41,89%, до 15 часот – 48,02%, до 16 часот – 53,60%, до 17 часот – 58,62%, до 18 часот – 62,25%

ИЕ 6 - до 14 часот – 32,77%, до 15 часот – 39,13%, до 16 часот – 43,84%, до 17 часот – 47,49%, до 18 часот – 50,28%

 

Бесплатна телефонска линија за

пријавување на нерегуларности

080 080 080

 

Проектот „Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2016“ е поддржан од: Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, УСАИД преку Националниот демократски институт, Швајцарската агенција за развој и соработка, Амбасадата на Кралството Холандија и Националниот фонд за демократија.

Ставовите во ова соопштение се одговорност на МОСТ и не ги одразуваат секогаш ставовите на поддржувачите на проектот.

 

Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, досега се забележани следните неправилности на гласачките места:

 ГМ 0473, општина Маврово и Ростуше, член на ИО ги евидентира гласачите кои гласаат во посебен список и истиот го предава на неовластено лице.

 На ГМ 0558, општина Центар Жупа, влегло неовластено лице кое се претставило како партиски набљудувач, но не поседувало акредитација, по што избирачкиот одбор го отстранил од гласачкото место. Лицето останало присутно пред вратата на гласачкото место и ги евидентира гласачите.

 Во ОУ „Јане Сандански“ во општина Центар во ходникот било присутно неовластено лице кое на гласачите од ромска националност им укажувало за кого да гласаат. После извесно време лицето бил отстрането од страна на избирачкиот одбор.

 Пред ГМ 0740, општина Кичево, присутни се неовластени лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат во објектот.

 Пред други два објекти во општина Кичево во кои се сместени 6 гласачки места присутни се неовластени лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат во објектот.

 Пред ОУ „Наум Наумовски Борче“ во општина Гази Баба во кое се сместени 11 гласачки места присутни се неовластени лица кои агитираат.

 ГМ 2464, општина Чучер-Сандево, неовластено лице агитира пред гласачкото место.

 ГМ 0845, општина Кочани, 12 гласачи јавно гласале со покажување на своите гласачки ливчиња.

 Случаи на фотографирање на гласачките ливчиња се забележани во ГМ 2561, општина Ѓорче Петров каде не реагирал избирачкиот одбор и ГМ 1644 во општина Ресен, каде што имало реакција од избирачкиот одбор и бил направен записник.

 Фотографирање на гласачкото ливче е забележано и во ГМ 1612, општина Конче, по што избирачкиот одбор го предупредил гласачот дека тоа е незаконски.

 ГМ 0882, општина Чешиново-Облешево, активист на одредена политичка партија кој не бил овластен да присуствува на гласачкото место не дозволил член на семјество да му помогне на гласачот и тоа го направил тој. Членовите на избирачкиот одбор реагирале и побарале од претседателот случајот да влезе во записник, по што активистот му се заканил на претседателот дека ако го стори тоа ќе добие отказ од работа.

 ГМ 1152, општина Старо Нагоричане, иако слепо лице дошло да гласа заедно со член од семејството кој требало да му помогне, избирачкиот избор не дозволил и на лицето му помогнал член на избирачкиот одбор предложен од политичка партија.

 ГМ 1086/1, општина Куманово, откако член на семејството му помогнал на слепо лице да гласа без да побара дозвола од избирачкиот одбор, член на избирачкиот одбор го поништил гласачкото ливче.

 ГМ 1058, општина Куманово, во три случаи претседателот на избирачкиот одбор не дозволил придружбата да им помага на гласачите кои не можат да гласаат сами и тоа го направил самиот тој. Бил опоменат од членовите на избирачкиот одбор. На истото место избирачкиот одбор не бил информиран дека поседува два изводи од Избирачкиот список. 6 луѓе кои не биле пронајдени во Избирачкиот список за граѓани кои се во РМ биле упатени во ОИК. Кога подоцна сфатиле дека има уште еден извод за граѓани кои се во странство и го провериле, пронашле 3 од 6-те лица на кои претходно не им било овозможено да гласаат.

Поради тоа, напоменуваме дека на гласачките места има два изводи од Избирачкиот список и доколку гласачот не може да се најде во списокот за граѓани кои се во РМ, избирачкиот одбор мора да го провери и изводот од избирачкиот список за граѓани кои престојуваат во странство. Доколку гласачот не може да се пронајде во ниту еден список, треба да се упати во подрачната канцеларија на ДИК за да провери дали може да гласа на тоа избирачко место или е запишан во друго.

На бесплатната телфонска линија 080 080 080 и на neregulranosti.most.org.mk 15 граѓани пријавија дека не може да се пронајдат во Избирачкиот список.

Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно пребројување на гласовите), која претставува математичко-статистичка научна метода, одѕивот на гласачите по изборни единици е следниот:

 

ИЕ 1 - до 11 часот 18,78%, до 12 часот 28,58%, до 13 часот 38,74%

ИЕ 2 - до 11 часот 16,98%, до 12 часот 25,27%, до 13 часот 33,41%

ИЕ 3 - до 11 часот 20,69%, до 12 часот 30,18%, до 13 часот 39,14%

ИЕ 4 - до 11 часот 20,48%, до 12 часот 29,99%, до 13 часот 39,31%

ИЕ 5 - до 11 часот 17,54%, до 12 часот 25,81%, до 13 часот 33,87%

ИЕ 6 - до 11 часот 10,54%, до 12 часот 17,28%, до 13 часот 24,83%

 

Бесплатна телефонска линија за

пријавување на нерегуларности

 080 080 080

 

Проектот „Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2016“ е поддржан од: Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, УСАИД преку Националниот демократски институт, Швајцарската агенција за развој и соработка, Амбасадата на Кралството Холандија и Националниот фонд за демократија.

Ставовите во ова соопштение се одговорност на МОСТ и не ги одразуваат секогаш ставовите на поддржувачите на проектот.

 

Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, досега се забележани следните неправилности на гласачките места:

 ГМ 1778, општина Ново Село, едно лице агитирало пред гласачкото место. Дошла полиција за да го приведе, но лицето побегнало.

 Пред ОУ Димитар Влахов во општина Штип присутни се неовластени лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат во објектот.

 ГМ 1849, општина Струга, еден гласач гласал и повторно се вратил во гласачкото место за да гласа по втор пат. Избирачкиот одбор не му дозволил да гласа, била повикана полиција и гласачот бил отстранет од гласачкото место.

 ГМ 2557, општина Ѓорче Петров, гласач гласал со вклучена камера на мобилниот телефон. По проверката од страна на избирачкиот одбор во телефонот не била пронајдена фотографија, па случајот бил третиран како обид за фотографирање.

 ГМ 0281, општина Валандово, гласач го фотографирал ливчето. Избирачкиот одбор повикал полиција по што гласачот бил отстранет од гласачкото место, а фотографијата била избришана.

 ГМ 1219, општина Неготино, гласач јавно кажал за кого гласал.

 ГМ 0624, општина Демир Хисар, член на избирачкиот одбор кој што гласа на истото место јавно пред сите изјавил за кого ќе гласа и гласал на масата пред останатите членови од избирачкиот одбор. 

 ГМ 2011, општина Теарце, едно ливче било откинато од кочанот заедно со серискиот број. За случајот е известена ОИК Теарце.

На ГМ 1580/1 за кое известивме на претходната прес-конференција, избирачкиот одбор продолжува со толерирање на фотографирањето на ливчињата. 

Што се однесува до случајот на фотографирање на гласачко ливче во ГМ 2556, исто така од претходната прес-конференција, ливчето било изолирано и ќе биде сметано за неважечко.

Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно пребројување на гласовите), која претставува математичко-статистичка научна метода, одѕивот на гласачите по изборни единици е следниот:

 

ИЕ 1 - до 9 часот 6,15%, до 10 часот 11,32%

ИЕ 2 - до 9 часот 5,46%, до 10 часот 9,75%

ИЕ 3 - до 9 часот 6,78%, до 10 часот 11,79%

ИЕ 4 - до 9 часот 6,34%, до 10 часот 11,84%

ИЕ 5 - до 9 часот 5,30%, до 10 часот 9,61%

ИЕ 6 - до 9 часот 3,22%, до 10 часот 5,74%

Бесплатна телефонска линија за

пријавување на нерегуларности

 080 080 080

Проектот „Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2016“ е поддржан од: Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, УСАИД преку Националниот демократски институт, Швајцарската агенција за развој и соработка, Амбасадата на Кралството Холандија и Националниот фонд за демократија.

Ставовите во ова соопштение се одговорност на МОСТ и не ги одразуваат секогаш ставовите на поддржувачите на проектот.

 

Граѓанската асоцијација МОСТ го следи денешното гласање со повеќе од 3.000 набљудувачи. На гласачките места се распоредени 2.664 набљудувачи кои покриваат околу 55% од гласачките места во Република Македонија.

Набљудувачите на МОСТ се статични, и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ има и мобилни тимови, составени од по 2 набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги повремено ќе ги набљудуваат местата на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи.

Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.  

Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори, отворени се сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи. Гласачкото место 1036 во општина Куманово е отворено со 15 минутно задоцнување. Гласачкото место 2210 во општина Велес е отворено со 30 минутно задоцнување поради тоа што немало електрична енергија. 

Досега, забележано е:

  • ГМ 1580/1, општина Радовиш, еден гласач го фотографирал гласачкото ливче со мобилен телефон. Избирачкиот одбор не забележал и не реагирал.
  • ГМ 2556, општина Ѓорче Петров, еден гласач го фотографирал гласачкото ливче. Повикана е полиција.

Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, отворена е бесплатната телефонска линија 080 080 080, а истото може да го сторат и преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk.

Напоменуваме дека тајноста на гласот е загарантирана и апелираме до избирачките одбори да ги информираат гласачите дека се гласа само со заокружување, со пенкало со сино мастило.

Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите, како и излезноста на гласачите, МОСТ ќе и ги соопшти на јавноста на уште три конференции за јавност и тоа во 11 часот, во 14 часот и во 19 часот, а дополнително ќе биде објавен терминот на последната конференција на која ќе бидат соопштени резултатите од ПВТ програмата за одѕивот и распределбата на мандатите.

Бесплатна телефонска линија за

пријавување на нерегуларности

080 080 080

Проектот „Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2016“ е поддржан од: Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, УСАИД преку Националниот демократски институт, Швајцарската агенција за развој и соработка, Амбасадата на Кралството Холандија и Националниот фонд за демократија.

Ставовите во ова соопштение се одговорност на МОСТ и не ги одразуваат секогаш ставовите на поддржувачите на проектот.

 

Граѓанската асоцијација МОСТ ќе ги следи предвремените парламентарни избори со повеќе од 3.000 набљудувачи. На гласачките места ќе бидат распоредени 2.664 набљудувачи кои ќе покријат околу 55% од гласачките места во Република Македонија.

Набљудувачите на МОСТ ќе бидат статични, и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места. Покрај тоа, МОСТ ќе има и 120 мобилни тимови, составени од двајца набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги набљудуваат повремено оние места на кои МОСТ нема статични набљудувачи.

Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.  

Покрај гласањето на 11 декември, МОСТ денес го набљудува и предвременото гласање на болните и немоќни лица, внатрешно раселените лица и лицата во затвор или притвор, како и гласањето во 18 дипломатско-конзуларни претставништва, и тоа во: Њујорк, Чикаго, Детроит, Торонто, Мелбурн, Копенхаген, Брисел, Хаг, Париз, Берлин, Бон, Минхен, Берн, Виена, Рим, Венеција, Љубљана и Белград.

Жолтите маички со долги ракави, на кои на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано  “Мониторинг 2016“, овластувањата од МОСТ и акредитациите од ДИК, истакнати на видно место, ќе бидат препознатливиот белег на граѓаните кои како домашни набљудувачи се дел од тимот за набљудување на Граѓанската асоцијација МОСТ. Обележјата на набљудувачите оваа година се разликуваат од тие од претходните години. МОСТ потенцира дека набљудувач на организацијата е единствено оној граѓанин кој носи маица, овластување и акредитација исклучиво за овие избори.

Во текот на денот, граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, може тоа да го сторат преку бесплатната телефонска линија 080 080 080 или преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk. 

Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите, МОСТ ќе ги соопшти на четири конференции за јавност, кои ќе се одржат во 9, 11, 14 и 19 часот. По завршувањето на гласањето ќе биде закажана дополнителна прес-конференција на која ќе бидат објавени проекциите од паралелното пребројување на гласовите (ПВТ).

Согласно новото Упатство на ДИК, им укажуваме на гласачите дека се гласа само со заокружување, со пенкало со сино мастило. Ако има било каков друг знак или друга боја, ливчето ќе се смета за неважечко. 

Граѓанската асоцијација МОСТ упатува уште еден апел за одржување на фер, демократски и мирен изборен процес, кој што им е повеќе од потребен на граѓаните на Р. Македонија. МОСТ ги повикува граѓаните да излезат и да гласаат по сопствена волја затоа што гласањето е слободно, а тајноста на нивниот глас е загарантирана.

Бесплатна телефонска линија за

пријавување на нерегуларности

 080 080 080

Проектот „Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2016“ е поддржан од: Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, УСАИД преку Националниот демократски институт, Швајцарската агенција за развој и соработка, Амбасадата на Кралството Холандија и Националниот фонд за демократија.

Ставовите во ова соопштение се одговорност на МОСТ и не ги одразуваат секогаш ставовите на поддржувачите на проектот.

Во функција на спроведување фер и слободни избори во  Република Македонија, Граѓанската асоцијација МОСТ креираше уште една алатка со која ќе им овозможи и олесни на граѓаните да пријават нерегуларности за време на изборниот процес. 

Од денес е активна платформата http://neregularnosti.most.org.mk/ преку која секој граѓанин ќе може самостојно да пријави притисоци, инциденти, проблеми со Избирачкиот список, говор на омраза и други останати прекршоци поврзани со изборниот процес. 

Преку оваа платформа, МОСТ истовремено ќе ги следи и евидентира и објавите по социјалните медиуми на кои ќе бидат регистрирани нерегуларности, и тоа преку: #избори2016 #нерегуларности #СеПоСписок #фантоми. 

Дополнително, доколку самите граѓани не се во можност самостојно да ги внесат овие нерегуларности преку интернет платформата, покрај бесплатната телефонска линија 080 080 080, МОСТ креираше и посебна меил адреса за пријавување на нерегуларности: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

Граѓанската асоцијација МОСТ им стои на располагање и ги повикува граѓаните да пријават било какви нерегуларности. 

 

Template Settings

Color

For each color, the params below will be given default values
Blue Dark_Blue Cyan Purple Green Tomato Yellow

Body

Background Color
Text Color

Spotlight10

Background Color

Footer

Note: Layout Contact-Us is applied only for menu Contact Us and menu About Us.
Select menu
Google Font
Body Font-size
Body Font-family
Direction